Пет луѓе би можеле да достигнат богатство од најмалку 1 билион (1.000 милијарди) долари во следната деценија доколку продолжат сегашните трендови, се вели во годишниот „Извештај за нееднаквоста на Оксфам“, објавен вчера.
Извршниот директор на Tesla и SpaceX, Илон Маск, моментално најбогатиот човек во светот со повеќе од 430 милијарди долари, треба да ја надмине таа граница за помалку од пет години.
На Маск наскоро би требало да му се придружат основачот на Амазон Џеф Безос, основачот на Oracl Лери Елисон, извршниот директор на Мета Марк Цукерберг и извршниот директор на LVMH Бернард Арно и неговото семејство.
Извештајот на Оксфам, заснован на податоците од магазинот Форбс, беше објавен пред почетокот на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, собир на некои од најбогатите луѓе и лидери во светот.
Исто така, извештајот дојде еден ден пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, исто така милијардер.
Според Оксфам, 2024 година беше исклучително профитабилна година за најбогатите поединци и семејства во светот, делумно благодарение на растечката американска берза.
Нивното богатство се зголеми толку брзо што Оксфам го ревидираше своето предвидување минатата година дека само еден билионер ќе биде прогласен во следните десет години.
„Тоа е незамислива сума“, рече Ребека Ридел, висок советник за политика во Оксфам Америка. „Оваа екстремна нееднаквост не е причина за славење.
Зголемување на бројот на милијардери
Минатата година бројот на милијардери се зголеми за повеќе од 200, достигнувајќи речиси 2.770 луѓе.






