Беџети ќе ја тужи ВРЕДИ, бара извинување од медиуми

Пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, на социјалните мрежи реагираше во врска со написите во некои медиуми, во кои се вели дека претходната влада имала план за враќање на Груевски, а дека тој му ја предал аудио снимката од таа средба на Христијан Мицкоски.



Беџети пишува дека доколку од него не биде побарано јавно извинување, ќе ја тужи коалицијата ВЛЕН за клевета, како и медиумите кои ја пренесуваат веста.

Во реакцијата Беџети вели:

„Се обраќам со овој демант, како моја уставна гаранција, до сите медиуми во државава и барам веднаш и без одлагање да биде демантот објавен на сите телевизии, весници и портали со приближно ист отстапен простор како за нивните клеветнички текстови и прилози со наслови или најави како Екслклузивни детали од неуспешната операција за враќање на Груевски.

Воедно, барам и јавно да ми се извинат сите телевизии и портали за изнесените клевети и навреди согласно чл.13 и чл. 14 од Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, како би ја ублажиле штетата која веќе ми ја нанесовте и би го намалиле износот за надомест на штета.

Ниту некогаш до мене од страна на некој свиркач или вработен во кабинетот на Претседателот на државата е доставен било каков аудио или видео запис ниту пак сум добил некаква информација за било каква средба со политичари на која било разговарано враќање на Никола Груевски. Од тука не сум имал никаква информација или снимка која би можел некому да ја проследам.

Како политичар согласен сум да бидам под лупата на јавноста и медиумите за мојата работа, да бидам критикуван до степен дури и на провокација, но нема да дозволам да ми се импутираат невистини и клевети дека сум поседувал и дистрибуирал на неовластено снимани комуникации кои сами по себе се кривично дело.

Од тука доколку ваквите клевети не бидат веднаш повлечени од сите медиуми и не добијам јавно извинување, против секоја телевизија, весник, неделна публикација и против секој портал ќе поведам постапки за надомест на штета за ова клеветење. Оваа непроверена и клеветничка вест ќе мора да ја докажувате на суд, за кое нешто нема да успеете да се докажете, бидејќи станува збор за ноторна лага и клевета“, стои во реакцијата на Беџети.

Инаку, најновиот број на неделникот „Фокус“ објави досега непознати информации во врска со неуспешниот обид за враќање во земјава на поранешниот премиер Груевски, како и за причините за пропаѓање на оваа компликувана предизборна операција. Притоа, обезбедивме информации од повеќе релевантни политички и дипломатски извори и за фамозната средба во претседателската вила на Водно.

На таа средба, одржана лани во март, присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на 2 начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец.

Додека траеле „тајните“ разговори, ова лице влегло во кабина на преведувач, успеал да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предава на Беџети, кој тогаш е дел од „огнената група“ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудиоснимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети.