Белата куќа отвори сметка на Рамбл бидејќи расте присуство на социјалните мрежи на платформата основана и во сопственост на канадскиот бизнисмен со македонско потекло Крис Павловски, член на Одборот на директори на „Македонија 2025“.
„Им благодариме на претседателот Трамп и на целиот негов тим за нивната посветеност на слободата на говорот и на транспарентноста. Исклучително сме горди што Рамбл сега е мал дел од достапноста на Белата куќа до луѓето во Америка и во светот. Ние во Рамбл секојдневно се бориме за вроденото човеково право на самоизразување и ги поврзуваме луѓето директно со пазарот на идеи за да ги избегнеме вистиномерите и цензорите од технолошките гиганти, од крпоративните медиуми и владите низ светот“, изјави Павловски.
Официјален претставник на Белата куќа изјави за „Фокс диџитал“ дека сметката на Рамбл отворена вчераутро, слична на нејзиниот профил на Јутјуб, е дел од планот на претседателот Трамп „да допре до американскиот народ таму каде што е и да обезбеди неспоредлива транспарентност и одговорност во владата“.
Рамбл е видео платформа основана во 2013 година како алтернатива на Јутјуб, која неодамна објави дека хостирала 67 милиони месечни корисници во третиот квартал од 2024 година, што е приближно 26-процентно зголемување од 53 милиони корисници во претходниот квартал. Само во текот на изборната ноќ, платформата забележа максимум од 1,8 милиони гледачи истовремено.
Павловски брзо по изборите во Македонија допатува со блиски соработници на Трамп и се сретна со претставници на новата власт, а беше дел од тимот на новоизбраниот претседател и во кампањата. При прогонот на Трамп од социјалните мрежи во САД по претходните претседателски избори токму Рамбл на Павловски широко му ги отвори вратите тогаш кога сите му ги затвораа.







