Без реализација нема аванс за Бехтел и Енка

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека капиталните инвестиции по ребалансот на буџетот не се намалени, туку парите се насочени кон проекти што се очекува да имаат забрзана динамика.



– Кога ќе ги погледнете бројките, може да видите дека износот е ист. Сега нема средства за корупција и криминал, туку има точно средства наменети за реализација на проекти, пари коишто ќе се наменат за проекти коишто имаат додадена вредност. Капиталните проекти остануваат и понатаму. Направена е пренамена на средства од оние капитални инфраструктурни проекти со послаба реализација кон општините, затоа што знаеме дека има готови проекти кај сите општини и коишто ќе може да се реализираат. Ние не можеме да чуваме средства за капитални инвестиции за нешто што нема да се реализира – изјави за Сител министерката за финансии.

Таа додаде дека аванси без никаква реализација нема да бидат исплаќани, туку дека ќе се плаќа врз основа на реализација.

– Илузорно е да планирате 250 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д во ситуација кога не можете да завршите експропријација, имате еден куп проблеми, кога не ја знаете трасата, односно кога знаете дека нема да ги реализирате и тие на крајот на годината ќе завршеа во некои коруптивни зделки – вели Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека за следната годината за овој проект ќе бидат планирани 250 милиони евра и дека веќе се работи на тоа проектот да почне да се реализира, да се гради и да се плаќа врз основа на завршени работи и ситуации.

Во интервјуто министерката се осврна и на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата, за растот на платите, за нивото на јавниот долг, како и за реализација на проектите од железничката инфраструктура.