Без многу очекувања: Новиот тим македонски историчари на прва средба со бугарските колеги од заедничката Комисија

Историчарот Митко Панов, член на новиот македонскиот тим во Заедничката комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, назначен од Владата минатиот месец, во интервју за ТВ Сител изрази резерви за предвремени очекувања од денешната средба со бугарските колеги, но е оптимист дека може да се постигне слобода во изразувањето на ставовите за историјата.



„Не можам да кажам конкретно што очекувам сега, бидејќи прво треба да се запознаеме со методологијата на работа и принципите на функционирање. Доколку се придржуваме до современите практики, можам да кажам дека сум оптимист. Но, ќе видиме.

Целта е да ги изразиме сопствените ставови и ставовите на македонската историографија, како и да идентификуваме проблематичните точки што едната страна ги смета за конфликтни“, потенцираше Панов.

„Комисијата треба да функционира во атмосфера каде што можеме да расправаме за историски проблеми, можеби со потекло од 19 век. Она што е охрабрувачко е дека имаме слобода да ги изразуваме нашите научни гледишта. На протоколарната средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски беше јасно кажано дека имаме академска слобода во донесувањето одлуки и во дискусиите во рамките на комисијата“, додаде Панов.

Претседател на македонскиот тим во комисијата е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Заедно со Митко Панов, членовите на комисијата се Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.