Петицијата со повеќе од 15.000 потписи иницирана од здруженијата на поранешни припадници на ОВК беше поднесена во парламентот со која се бара промена на надлежноста на Специјалниот суд.
Поради немање кворум, синоќа сепак не се одржа седница на Косовскиот парламент на која требаше да се решава за промена /укинување на Законот со кој е формиран Специјалниот суд кој ќе ги гони злосторствата сторени од припадниците на поранешна ОВК.
Меѓу ветераните на поранешната ослободителна војска на Косово владее паника зашто првите апсења се очекуваат веднаш по новогодишните празници, откако Специјалниот суд за Косово почна со работа
Наспроти оваа иницијатива отворено со предупредувања излегоа американскиот, германскиот, британскиот и европскиот амбасадор. Според нив Косово ја загрозува иднината поради личните интереси на нејзините лидери.
„Газета експрес“ пишува дека зад иницијативата стоеле тројцата поранешни високи команданти на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели и Рамуш Харадинај, кои се сега на чело на трите главни институции во земјата.
Но, „Коха Диторе“ пренесува соопштение на Алијансата за иднината на Косово, според кое, тие сериозно ги сфаќаат предупредувањата од американскиот амбасадор и сметаат дека односите на Косово со постојаните сојузници никогаш не треба да бидат оспорени.
„Нашата борба за слобода е чиста и ние не се плашиме од никого, па затоа сме убедени дека овој Суд исто така ќе ја докаже чистата и слободољубива мисија на оваа војна”, се заклучува во соопштението на Алијансата за иднината на Косово на премиерот Рамуш Харадинај.
Во 2015, 82 пратеници гласаа за формирање на Специјалниот суд. Вчера, 43 пратеници на Косовското собрание собраа потписи со барање вонредна седница за негово укинување.






