БГНЕС излажа дека Македонија гласала против украинската резолуција во ОН

Новинската агенција БГНЕС од Бугарија објави лажна вест дека Македонија вчера гласала против резолуцијата на Украина усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации.



„Претставникот на Северна Македонија во Генералното собрание на ОН гласаше против резолуцијата на Украина со која се осудува руската инвазија на земјата, која започна на денешен ден пред три години.

Така Северна Македонија, заедно со Белорусија, се покажа единствена европска земја што гласаше против резолуцијата.

Против гласаа и САД, и Русија, но Генералното собрание, сепак, го поддржа документот, кој доби 93 гласа за, 18 против и 65 воздржани“, објави БГНЕС.

Вистината, потврдена и со листингот на гласањето, е дека Македонија гласаше воздржано за предлог-резолуцијата на Украина, а од европските земји, покрај Русија и Белорусија, против беше и Унгарија.

Македонија гласаше воздржано и за резолуцијата предложена од САД, коспонзорирана од официјално Скопје, која претрпе суштински измени со амандмани, па и Вашингтон за неа се изјасни воздржано.

Основач и директор на БГНЕС е бугарскиот новинар Љупчо Нешков, кој го направи интервјуто со експремиерот Зоран Заев, во кое тој зборува за бугарско администрирање во Македонија во Втората светска војна.