Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе ја продолжи кампањата за претседателската функција и ќе го порази Доналд Трамп, во својот најнов јавен настап.
На митинг во Висконсин, 81-годишниот претседател го призна својот катастрофален настап во минатонеделната дебата за Си-Ен-Ен.
„Оттогаш има многу шпекулации. Што ќе прави Џо? Еве го мојот одговор. Останувам кандидатот и повторно ќе победам“, изјави Бајден пред насобраните луѓе во Медисон, пренесе Би-би-си.
Тоа беше неговото последно ветување да остане во трката додека се обидува да ја смири политичката криза што ескалира во последните денови.
„Ги слушам сите овие приказни кои велат дека сум премногу стар“, рече Бајден на митингот, пред да укаже на неговите достигнувања во Белата куќа.
“Дали бев премногу стар за да отворам 15 милиони работни места? Дали бев премногу стар за да го отпишам студентскиот долг за пет милиони Американци?
Мислите дека сум премногу стар за да го победам Доналд Трамп”, ја праша тој публиката, која гласно одговори – ” не.”
Говорејќи за ABC News во петокот, Бајден, исто така, одби да направи когнитивен тест и да ги објави резултатите јавно со цел да ги увери гласачите дека е способен да отслужи уште еден мандат.
81-годишникот уште еднаш ја отфрли идејата, емитувана од некои демократски претставници и донатори, дека треба да отстапи за помлада алтернатива по неговата катастрофална дебата со Доналд Трамп минатата недела.






