„Во немоќ Ахмети да се наметне како важна политичка личност на македонската политичка сцена и за да го избегне можниот кривичен прогон во домашното правосудство, поради укажувањата за злоупотреби и корупција, како и можните постапки за воени злосторства на судот од Хаг, сега инсистира да ја врати ДУИ на воинствените корени. Се обидува да обезбеди логистика и финансии за таквото функционирање на партијата.“ – се нагласува во анализата со наслов „Губењето на власта го враќа Ахмети на воинствените корени“, објавена во весникот „Нова Македонија“
Во потрага по загубениот политички кредибилитет, лидерот на ДУИ заминува на турнеја во Швајцарија
Во анализата пишува: Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, во следниот период заминува на турнеја во Швајцарија, со намера таму да се сретне со поранешните припадници на ОВК, како и со претставници на албанската дијаспора. „Тој доаѓа. „Дојде време! Основачот на ОВК и албански лидер Али Ахмети доаѓа во дијаспората, на 23 ноември во Цирих, Швајцарија!“ – се наведува во објавата на ДУИ. Турнејата на Ахмети уследува, откако претходно не успеа да ја убеди меѓународната заедница дека „е неправедно изземен од учеството во власта по последните избори во земјава“. Странците не паднаа ниту на неговите тези дека сега одеднаш рамковниот договор е загрозен, откако неговата партија не е на власт.
Не поминаа ниту неговите закани за масовни есенски протести и најави за дестабилизација на Македонија, бидејќи внатрешните сондажи покажале дека значителен дел од членството на ДУИ не е подготвен да се жртвува за партиската врхушка, што 20 години беспоштедно практикуваше власт, а обичните луѓе не добија ништо и почнаа да бараат други политички алтернативи. Сите претходно споменати моменти беа јасен сигнал за Ахмети дека негова последна надеж е да се обрати до оние со кои во 2001 година ги нападнаа Македонија и македонските безбедносни сили, во обид да откинат делови од нејзината територија. Токму од Швајцарија ја почна воената мисија и оттаму пристигаа најмногу пари за припадниците на ОНА и на ОВК. Сега Ахмети ќе бара од своите соборци нова поддршка да се врати на власт.
Неколку дилеми се наметнуваат околу причините за ноемвриската турнеја на Ахмети во Швајцарија, каде што се враќа по цели десет години. Една од тие дилеми на безбедносните експерти е малку вознемирувачка: „Дали оваа посета е можеби, за да се мобилизираат одредени групи, и натаму воинствено расположени, што би можеле да поттикнат некакви инциденти во земјава, кои подоцна ќе ги смирува Ахмети и на тој начин ќе се профилира како единствен чинител на стабилност пред меѓународната заедница“?! Не се исклучува во рамките на посетата на Швајцарија тој да побара давање пари за партијата во име на „албанската кауза“, за одредени лоби-активности во Вашингтон и во Брисел, односно кај новите администрации во овие светски центри на моќ.
Според безбедносните експерти, со кои се консултиравме, „малку е чудно зошто Ахмети продолжува да ја бара поддршката од поранешните соборци од ОВК, кога САД веќе ги отстранија од политичката сцена сите политичари на Косово, што имале какви било врски или допирни точки со поранешните учесници во судирот во Косово (воени злосторства)“, а намерата е слично да се случи и во Македонија и на сцена да се појават политичари што ги немаат извалкано рацете со крв за време на војната во 2001 година.
Проф. д-р Иван Бабановски: Ахмети сее магла, тоа и ќе ожнее
Проф. д-р Иван Бабановски, експерт од областа на безбедноста и универзитетски професор во пензија, смета дека постапките на Ахмети се само обично сеење магла. „Секој обид да се дестабилизира вкупната политичко-безбедносна состојба во државата Македонија е осуден на пропаст, бидејќи за овие дваесет и кусур години ние добивме поддршка од меѓународната заедница, станавме членка на НАТО и ова што го прави тука Али Ахмети е само замаглување и заблудување на еден дел од албанското бирачко тело.“ – вели Бабановски.
Според него, вкупниот амбиент од 2001 и 2024 година е целосно променет и никој нема да дозволи дестабилизација на Македонија. „Европа нема да дозволи некој да го пали Балканот сега. Ахмети го изгуби сиот политички кредибилитет кај албанските граѓани, поради апашките и криминални работи, што ги направи со корупцијата и бидејќи не им исплати голем дел од парите на семејствата на загинатите припадници на ОНА-АНА. Тие пари тој ги присвои за себе.“ – појаснува Бабановски.
Синиша Пекевски смета дека одењето на Ахмети во Швајцарија ништо нема да промени. „ДУИ е веќе прочитана книга. ДУИ се грижеше само за сопствените интереси, најчесто економски. Луѓето се свесни за богатството и на Али Ахмети и на другите од врхушката, па нивното влијание веќе опаѓа. Одењето во странство и покажување грижа е празен балон, од кој немаат никаква корист ниту партијата, ниту тој. Нивното време помина.“ – заклучува Пекевски.
УЧК, ОНА, ДУИ, Ахмети… и повторно УЧК и ОНА: Кругот се затвора
Некои од аналитичарите сметаат дека Ахмети нема што да им понуди друго на сопствените гласачи освен воинствен говор, а тоа го прави така што се враќа на местото од каде што започна неговата воена мисија во Македонија.
„На Ахмети му гори, поради многубројните коруптивни активности и криминалот, за кои би можеле да бидат поведени процеси. Му тежи и инсистирањето на Хаг Македонија да постапи по вратените хашки предмети, во кои и тој е меѓу обвинетите. Членството е разочарано, бидејќи освен неколку луѓе во врвот на партијата, Албанците во земјава не видоа подобар живот, туку и натаму во општините, каде што раководеа луѓе на ДУИ, нема пивка вода, нема канализација, патиштата се во лоша состојба, а партискиот врв живее лагодно и во луксуз. Сега никој од тие обични луѓе не му излегува на протести. Ахмети ќе се обиде на средбите во Швајцарија повторно да се претстави како лидер кому може да му се верува. Тоа ќе оди тешко, бидејќи и значителен дел поранешни припадници на ОВК се под некаков прогон, некои од нив се во Хаг, така што никој нема да сака дополнително да си ја усложнува ситуацијата. И уште една многу клучна работа: Македонија е сега членка на НАТО и прашање е дали некој ќе се дрзне да дестабилизира внатрешно земја–членка на НАТО само затоа што тоа му го наредил Ахмети. Ова не се исти времиња како пред 25 години, така што Ахмети може слободно да оди во Швајцарија да си се дружи со дијаспората, да си ги слави празниците со сонародниците и толку. Сѐ друго е завршена работа.“ – сметаат политичко-безбедносните аналитичари, со кои се консултиравме.





