Ацо Шопов и неговата љубов кон Македонија: Нашата татковина ја дели судбината на светот, а светот се судира со безброј македонски судбини

„Македонија е во светот, а светот во Македонија“ – порачува поетот Ацо Шопов во уводната песна со наслов „Патување во родниот крај – средба со светот“ во својата последна, аманетна стихозбирка „Дрво на ридот“ од 1980 година и дополнува: „Во Македонија се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, а светот е бремен од проблемите на Македонија. Македонија ја дели судбината на светот, а светот се судира со безброј македонски судбини.“ Денес, на 20 април, кога се навршуваат 45 години од смртта на овој великан на македонската поезија, се осврнуваме на неговото севкупно поетско македонствување, кое го наредува меѓу централните личности на македонскиот 20 век како втемелител на мостовите меѓу македонската култура и поголем број други странски култури.



Во својот научен труд со наслов „Каде е Македонија во поезијата на Ацо Шопов?“ Весна Мојсова-Чепишевска, книжевен теоретичар, критичар и редовен професор во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и Иван Антоновски, поет и есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и асистент на истиот Филолошки факултет, покрај другото, пишуваат: Последните напишани песни, неретко се и аманети на поетите, особено кога се создадени во мигови на поетовата свесност за сопственото физичко заминување. Затоа, аманетна е последната оригинална поетска книга на Ацо Шопов „Дрво на ридот“ (1980), објавена две години пред неговото физичко заминување. Го исчитуваме и неговиот поетски аманет во уводната песна „Оздравување на болниот“, во која Шопов запиша: „Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема, / ме дави и гуши подземна стија. / Млад сум а душата ми е остарена / од љубовта моја неостварена, љубовта Mакедонија“ . Веќе во овие стихови што извираат од внатрешниот глас на поетот, кој одекнува од врвот на планината, тој упатува кон сопствената нераскинлива, целоживотна поврзаност со Македонија, претставувајќи ја како судбинска.

Како што ќе напомене Георги Старделов, „во сè-на-сè 14 песни колку што има оваа негова последна книга, Македонија се споменува околу 20 пати, што, инаку, не беше случај со ниту една претходна негова книга.“ Во „Дрво на ридот“ Шопов остава аманетна порака за неговата судбинска, целоживотна поврзаност со Македонија.

Во првата поетска книга објавена на македонски јазик, во „Песни“ (1944), Македонија, иако никаде не е спомената директно, како што не е спомената и во речиси сите следни поетски книги на Шопов до „Дрво на ридот“, присутна е и преку дослухот на песните на Шопов со поетиката на македонската народна лирика. Во поетските книги објавени на македонски јазик по Втората светска војна, дослухот со македонската народна поезија можеби е најизразен во „Песни“ од Шопов, што укажува на неговата определба, покрај слободарска, неговата песна да биде и пред сè македонска.

„Народното творештво, народната поезија е непресушен извор во кој мора да се нурне секој поет и да се напие од нејзините свежи води пред да ѝ се посвети на уметничката поезија. Барем ние, Македонците и поетите од Балканот. На незаменлив и неповторлив начин народот ја опеја сета своја горчлива и тешка судба, маки, страдања, борби, радосни проблесоци и извишувања кон слободата. Затоа и мојот прв учител беше народната поезија.“ – ќе напомене Шопов во 1976 година, нагласувајќи дека во никој случај поетот не смее да ја прекине врската со својот праизвор.

Во секоја творечка фаза на Шопов Македонија е присутна во различна форма. Во 1969 година, на Змаевите детски игри во Нови Сад, Шопов ќе нагласи: „Доаѓам од југ, од Македонија, земја на стари паметници на културата, на црното сонце на игото и долготрајниот јарем, каде што крстот на судбината е полесен од пепелта на минатото, каде што мртвите не можат да умрат додека трае песната на живите, каде што на живите не им тежат гробовите на мртвите, туку песните што ги пеат, каде што водата извира од срцата на фреските и, заплискана од сонцето без исток и запад, повторно се влева во истите тие фрески како скаменет вез на ѕидовите на постоењето и неизбежноста. Доаѓам, а една мисла повторно ме возбудува: колку разновидност, богатства, длабочини, колку патишта и различни судбини на една мала грутка земја која ја чувствуваме како наша татковина, како сиот свет во мало да застанал на неа, со пркос кон себеси и кон другите.“

Надвор од поетската реч, коментирајќи за „Дрво на ридот“, во еден разговор Шопов напоменува: „Врзан сум со видливи и невидливи нитки за Македонија, за својот народ и јазик, за неговата судбина.“ (Krtalić и Šopov, 1976)

Ацо Шопов е роден во Штип, на 20 декември 1923 година. Уште како гимназијалец, во 1940 година, станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година. На неа Шопов ѝ ја посветил својата прочуена песна „Очи”. Тој е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Во текот на својот животен творечки опус има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици. „Гледач во пепелта“ (1970) повеќе пати е оценувана како една од најдобрите книги на Шопов и една од најдобрите повоени стихозбирки во Македонија. Книгата е преведена на повеќе јазици и секаде предизвикала големо внимание и наишла на добар прием.

Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947, прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата (1962). На 18 август 1967 година Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Бил добитник и на  на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките „Слеј се со тишината“ (1956) и „Гледач во пепелта“ (1970); наградата „11 октомври” за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981), како и наградата „Браќа Миладиновци” за збирката Песна на црната жена (1977).

Патување во родниот крај – средба со светот

Од близина ја слушнав страшната бучава на Брегалница / … и во еден миг се слеа со огромната бучава на светот. / Матицата на оваа бучава ме подзеде и ме исфрли на површината / каде јасно како на дланка ја здогледав / нерадосната со црни дамки испрскана судбина на мојот народ / што се бори и збратимува со судбината на светот. /… понесен и искачен на сеопштата бучава како да гледав од врвот на светот. / Од врвот на светот ја здогледав и препознав мојата земја / распарчена и разграбена од темни братоубиствени војни, / од туѓи желби и посегања да ја присвојат за себе. / Само здивот на едниот нејзин дел / се извишува високо до непознати небеса / и како пролетен ветар од Шара / го заплиснува убавиот Пирин на Јане / и го разбранува синиот Егеј потемнет од мака / зашто ни мртвите револуционери немaат мира во Беаз-куле. / Од тој здив од тој прислетен ветар на Шара / извишен до недопирливи и непознати небеса / како да затрепереа повторно сите шуми и сите буки во земјата / со гласот на смртно ранетиот војвода: / „Другари верни другари, / ако низ село минете, со коњи да не тропате, /со коњи да не тропате, со пушки да не фрлате, /да не чуе мајка ми, мајка ми бигор сторена. / Ако ве чуе, кажете: Син ти се, мајко, ожени / за една црна робинка, робинка — Македонија“. / Гласот на војводата ја прекриваше оваа мала земја / и леташе многу далеку над планини и океани / и како да замираше некаде на крај на светот. / И тогаш силно почувствував дека во Македонија / се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, а светот е бремен од проблемите на Македонија. / Видов многу земји и многу народи разделени со граници, / граници на времето со молив повлечени / што како нож го засекле живото тело на народите / и нивната единствена судба на парчиња ја искинале, / па место својот живот да го живеат / го калемат на туѓи судби и небиднини. / Бучавата на Брегалница растеше полека но незадржливо, / растеше повисоко од Исарот, повисоко од историјата на градот / повисоко од црната судбина на мојот народ / и се влеваше во огромната бучава на светот. / Иако прикован за земја од стоглавото чудовиште / на моето чудовишно детство со крвјосани очи, / носен од матицата на светската бучава / сфатив дека Македонија ја дели судбината на светот, / а светот се судира со безброј македонски судбини. / Шумат сите буки, сите шуми и прашуми, сите брези и степи / со гласот на војводата кој ги корне и фрла врз сите глуви и слепи / па таа бучава личи на ред во безредијата и закон во исконските беззаконија. / Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија. /

Ацо Шопов, стихозбирка „Дрво на ридот“, 1980

Приредил за објавување: Свето Тоевски, со користење и други извори.