„Им испраќам порака на Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова дека УЧК ги погреба во Охрид шовинизмот и иредентизмот, ги погреба мајоризирањето, надвладувањето и злоупотребата на етничките заедници. Нема повеќе враќање назад!“ – ова го изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера на средба на претставниците на Европскиот фронт и нивниот претседателски кандидат Бујар Османи со граѓани во Преспа. За тоа извести ТВ 21.
ТВ 21 пишува: Европскиот фронт вчера, на 13 април 2024 година продолжи со своите активности во Преспа. Таму на средба со граѓаните, покрај лидерот на ДУИ Али Ахмети, беа присутни и претседателскиот кандидат Бујар Османи, кандидатите за пратеници Муса Џафери и Фехми Скендер, претставникот на крилото на Села во Алијансата за Албанците Ремзи Мемеди , како и координаторот за петтата изборна единица Јетон Шаќири.
Во своето истапување на оваа средба со граѓаните Али Ахмети рече: „Ги слушам изјавите на Мицкоски и на Гордана дека бараат 61 мандат, оти бараат да ги вратат супервеличината, мајоризирањето, дека бараат да превладуваат над другите заедници. Ви ја испраќам пораката на оваа политичка класа дека УЧК ги погреба во Охрид мајоризирањето, надвладувањето и злоупотребата на заедниците, заедно со шовинизмот и иредентизмот, дека нема враќање назад повеќе. Не зборувам за бројки, Европскиот фронт знае само да победува и да оди напред. Не е можно да не победиме, бидејќи не сме изгубиле во поглед на ниедна цел. Овој Фронт го имаме заради должноста да ги храниме со идеи Албанците каде и да се наоѓаат, за да бидат заедно и заедно да работат, бидејќи историски странците ги поделија Албанците и ги искористија, за да ги распарчат албанските територии. Затоа, да учиме од минатото, да учиме од нашата горчлива историја, за да градиме посилна и понова историја.“





