„Не смеат да бидат повредени албанскиот јазик, националното знаме, рамноправноста, почитувањето на нашите национални права не ги загрозува Македонците и другите, туку напротив го зајакнува ова заедничко општество!“ – порача преку фејсбук лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа по одржувањето на партискиот собир во Гостивар.
„Нема да дозволам да се гиба во албанскиот јазик, бидејќи е опран со крв!“ – изјави Ахмети на тој собир во Гостивар. Ова го објави ТВ Шења.
Во својата вест оваа телевизија додава: Ахмети истакна дека се „неприфатливи политиките, кои се стремат кон промена на законот за јазици“, и оти „тие промени не ја водат земјата напред“. Тој ги критикуваше групите, кои, според него, се „далеку од реалноста“ и кои „немаат врска со интересите на граѓаните“, нарекувајќи ги луѓето од тие групи „поединци што доаѓаат од салоните, а не од теренот“.
Во својата информација од собирот на ДУИ во Гостивар ТВ Клан Македонија објави: „Тие ги немаат моите школи за националисти и за силни организации. Сите тие доаѓаат од салони. Јас не сум политичар на салони, ниту на бисквити. Овие политики не нè водат напред.“ – нагласи Али Ахмети во својата реч во Гостивар.
Исто така, тој рече: „Вчера Уставниот суд одлучи расправата за законот за јазици да се одложи за три месеци, можеби до мај во 2025 година, кога ќе се повикаат експерти и претседатели на политички партии за таа расправа. Но што значи ова? Тоа значи да се преговара повторно за Охридскиот договор, кој е гарантиран од САД, ЕУ и НАТО и кој е испран со крв од УЧК!“ – рече Али Ахмети, меѓу другото
Ахмети кажа пред присутните дека стана практика да бидат против Албанците оние, што сакаат да победат на изборите. Но, според него, „ДУИ секогаш дејствувала со ум и била клучот на стабилноста на државата“.





