„Атмосферата секогаш е добра кога се игра за Македонија“: Барди за гостувањето кај Фарски Острови во Лигата на нациите

Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Енис Барди, за утрешното гостување од 15 часот кај Фарски Острови на стартот од Лигата на нациите ја истакнува атмосферата во македонскиот тим.



„Сите сме свесни што ни следува и направивме детална анализа за овој натпревар. Атмосферата секогаш е добра кога се игра за Македонија и можеби на овој собир имаме најдобра клима. Имаме одлични играчи, кои потпишаа за големи клубови, како Димитриевски, Елмас, Миовски, и од нив очекуваме многу.

Не треба да бараме алиби и како и секогаш да бидеме максимално фокусирани на нашата игра. Не треба да ни недостига желба и треба да излеземе просторот кој противникот ќе ни го понуди да го искористиме“, изјави Барди на прес-конференцијата пред натпреварот.

Покрај Фарски Острови, кои во минатото издание на Лигата на нациите ја совладаа Турција, Македонија во четвртата група од дивизијата Ц за противници ќе ги има и Ерменија, која ќе ја пречека во вторник од 20:45 ч. на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, како и Летонија.

Победникот на групата ќе избори пласман во Б-дивизијата, а за тоа преку бараж дома/гости ќе се бори и второпласираниот со една од четирите третопласирани селекции од повисокиот ранг во ова натпреварување.