Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј е обвинет за лицемерие затоа што си ја зголемил платата во исто време додека го туркал пакетот мерки за штедење.



Неговата бруто месечна плата минатиот месец се искачила на нешто повеќе од 6 милиони аргентински пезоси (7.073 долари) односно за 48 отсто повеќе во однос на јануари.

Милеј изјави дека наредил разрешување на министерот за труд Омар Јасин поради скандалот, велејќи дека зголемувањето на платите за него и за највисоките владини функционери е „грешка што не требало да се направи“.

Тој се обиде да го одбрани зголемувањето на платите тврдејќи дека тоа е автоматски предизвикано со декрет потпишан од поранешната претседателка Кристина Фернандез де Киршнер пред 14 години, со кој се утврди дека политичките функционери секогаш треба да заработуваат повеќе од вработените во јавната администрација.

Пратениците од опозицијата, сепак, рекоа дека на февруарскиот декрет на претседателот зголемување на платите стоел токму неговиот потпис.

Милеј, кој победи на вториот круг од претседателските избори кон крајот на минатата година, рече дека нема алтернатива за неговата предложена „шок терапија“ доколку владата сака да се справи со длабоката економска криза во Аргентина.

Куповната моќ на Аргентинците е опустошена од годишна стапка на инфлација од повеќе од 250 отсто, што е највисоко ниво во повеќе од три децении, додека двајца од пет граѓани сега живеат во сиромаштија.