„Апелацискиот суд се уште не донел одлука, за да потврди кој е легитимен претседател на Алијансата за Албанците.“ – објави ТВ Шења.
ТВ Шења пишува: Во врска со ова Илире Даути, пратеничка и генерален секретар на крилото на Алијансата на Албанците, со кое раководи Зијадин Села, реагира во објава преку фејсбук, истакнувајќи дека “Основниот суд во Тетово пред 5 месеци одлучил дека легитимен претседател на АА е Зијадин Села“, кому, според неа, „му припаѓаат печатите на партијата“. Даути додава дека „узурпаторот“ се жалел на одлуката и, како што вели, оттогаш до денес нема одлука од Апелацискиот суд.
Таа посочува дека ова очекување на правдата станува потешко за членството на Алијансата за Албанците кога „името на оваа партија се користи да се продаваат и да се угнетуваат Албанците“. „Се поставува прашањето зошто се случува ова доцнење и на што се надева узурпаторот, кога доказите, поднесени од двете страни, беа доволни да се утврди дека Алијансата за Албанците му припаѓа на нејзиниот основач Зијадин Села. Ништо не беше појасно од едногласното гласање на делегатите на Конгресот, највисокиот орган на АА, а делегатите тоа го докажаа со свои потписи и пред судијата.“ – напиша Илире Даути на општествената мрежа.
Од Алијансата на Албанците на Арбен Таравари велат дека е ова класичен пример за притисок врз судството и политички напад врз трета власт, која треба да биде независна во спроведувањето на правдата. „Зијадин Села и Али Ахмети се уште живеат во филмот кога ги диктираа судските одлуки од позиција на власта. Алијансата за Албанците е политичка идеологија, која треба да му овозможи сигурна иднина на албанскиот народ, а не партискиот печат да се злоупотребува, заради заштита на криминалот на ДУИ и АА да биде сателит на Мала Речица.“ – посочуваат од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари.
Потсетуваме: на 1.04.2024 година беше донесена одлуката на Основниот суд во Тетово, кој ги прифати барањето за регистрација на промените во политичката партија Алијанса за Албанците со седиште во Тетово и барањето за промена на статусот на партијата. Во оваа судска одлука беше евидентирана промената околу позицијата на претседателот и, според Основниот суд во Тетово, во иднина како претседател на АА ќе се признава Зијадин Села наместо Арбен Таравари.





