Професорот Димитар Апасиев, член на раководството на политичката партија Левица, му се обрати на премиерот Зоран Заев по неговата изјава дека „ние сме подготвени за географска одредница“ за името на државата Република Македонија.
„Кои тоа сте „ПОДГОТВЕНИ“ бе? Ти, Кочо, Рада и Сорос-пропагандата!?“, праша преку својот профил на „Фејсбук“ доцентот на Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип – Катедра за граѓанско право, притоа мислејќи на вицепремиерите Кочо Анѓушев и Радмила Шекеринска.
Коавторот со Светомир Шкариќ и со Владимир Патчев на книгата „Спорот за името – Грција и Македонија“ од 2008 година во продолжение на пораката ги додава хаштазите #Самоопределување, #КоЌеГоСменитеДаМиСеЈавиш и #ЉубиГаМајка.
Повод за реакцијата на Апасиев е одговорот на Заев на барањето од грчкиот министер Никос Коѕијас до македонската Влада јавно да соопшти која придавка ѝ е прифатлива за новото име, испратено преку интервју за „Еуроњуз“.
„Сакам да успее преговарачкиот процес, ние сме подготвени за географска одредница и тука ќе застанам затоа што знам дека ова е чувствително прашање. Да дадеме шанса да успее преговарачкиот процес. Јавно се позиционираме, нашите ставови се јавни и се надевам на решение“, изјави вчера македонскиот премиер.
„Ги следиме настаните во Грција и реакциите дома. Јас сум оптимист. Решение мора да има. Нема да биде лесно, но може. Ако водиме грижа за јужниот сосед и тој за нас, убеден сум дека ќе најдеме заедничко решение“, додаде тој.





