Вицепремиерот Кочо Анѓушев би поздравил американска помош од типот на „булдожер дипломатијата“ на Ричард Холбрук за надминувањето на спорот за името со Грција, известува грчкото радио Реал ФМ 97.8.
Одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето на форумот насловен „Македонија врти нова страница“ на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон, Анѓушев го спомнал поранешниот американски дипломат што одигра клучна улога за Дејтонскиот договор со кој се стави крај на војната во Босна и Херцеговина во контекст на посакуваната поддршка од САД на „највисоко ниво“.
Првиот заменик на премиерот Зоран Заев уште рекол дека неговата влада е сигурен партнер и е подготвена да се реши ова прашање, за што се потребни три дополнителни услови: Грција да има желба да се реши проблемот, потоа поддршка од меѓународната заедница, како и разбирање и конструктивна критика во Македонија за да се најде решение за прашањето за името.





