Антимакедонската провокација на Пожари за „албанското мнозинство и Бугарите во Вардарска Македонија“!

„Населби во Балканот како што се Битола, Охрид, Преспа, за време на Османската Империја населени со мнозинство Албанци и кои имале и бугарски и влашки маала, по војните подоцна се речиси целосно деалбанизирани. За време на светските војни српската окупација на Косово и Вардарска Македонија имаше проект, од кој и денес нема откажување: целосно истребување на Албанците преку геноцид и раселување и србизација на Бугарите. Поради овој српски проект Албанците треба денес да ги јакнат старите пријателства со Бугарите. Софија и Тирана треба да ги координираат своите политики во врска со заштитата на сопствените национални интереси!“ – ова го вели Џевдет Пожари, новинар и политички аналитичар од Косово, во својата колумна со наслов „Мир со мирис на барут!“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“ од Скопје. Колумната на Пожари претставува директна етничка провокација насочена против Македонија и македонскиот народ, бидејќи тој ги споменува Битола, Охрид, Преспа како градови, но воопшто не и дека во нив имало Македонци, туку само Бугари, Албанци и Власи како население. Пожари говори и за Вардарска Македонија и пак споменува само Бугари, кои единствено живеат во неа, покрај Албанци. Џевдет Пожари е и советник на косовскиот министер за здравство Арбен Витиа. Тој е познат по својата блискост со косовскиот премиер Албин Курти и со тамошната владејачка партија Ветвендосје (Самоопределување), која веќе започна со своето мешање во политичкиот живот и внатрешните работи на Република со директната поддршка на овдешната здружена албанска опозиција на парламентарните и претседателските избори. Бугарскиот претседател Румен Радев на 22 декември минатата година имаше официјална посета на Косово, во обид Македонците кои живеат во Косово да ги прикаже како Бугари и да изврши нивна асимилација. Радев во таа пригода имаше официјална средба со косовскиот премиер Албин Курти и како што напиша „Албанијан пост“, тие двајцата се усогласиле дека „Косово и Бугарија, односно Албанците и Бугарите имаат заедничка историја на Балканот и заедничка иднина во ЕвропскатаУнија“. Директно во овој контекст треба да се анализира ставот, кој Џевдет Пожари го нагласува во својата колумна дека „Албанците треба да ги јакнат старите пријателства со Бугарите“ и оти „Софија и Тирана треба да ги координираат своите политики заради заштитата на сопствените национални интереси.“



Во својата колумна „Мир со мирис на барут!“, покрај другото, Џевдет Пожари пишува:  Живееме во време на војни, во време кога сите градат мир, вооружувајќи се. Живееме во време кога мирот замирисува на барут и кога речиси сите се подготвуваат за неизбежната војна, која не очекува. Овие турбуленции нема да можат да го одбегнат Балканот. Не само што нема да го избегнат, туку може да се случи, како и многу пати досега, на овие простори да се водат битки, кои ќе ја одредат тежината на најважните играчи на планетата. Ние, Албанците ќе треба да дејствуваме како сите други: да придонесуваме кон мирот, но знаејќи дека имаме соседи како Србија, која се вооружува. Исто така, не заборавајќи дека треба да се зајакнуваат старите пријателства со балканските народи, како што се и Бугарите.

Балканот бил и останал како разбранувано море, чии струи ги туркале овдешните народи ваму-таму, како што зборуваат историските книги и записите на странците кои ги посетиле во минатото овие простори. Така се случи по завршувањето на светските немири овдешните населби како што се Битола, Охрид, Преспа…  да имаат сосема поинаков етнички лик од етничкиот лик, што го имаа за време на Отоманската империја, кој толку убаво го имаат опишано Евлија Челебија и Мартин Лику: дека тие биле населени од мнозинство Албанци и оти имале бугарски и влашки маала, но дека по војните подоцна тие биле речиси целосно деалбанизирани.

Затоа, секогаш мораме да размислуваме што се случувало во минатото, особено за време на светските војни и српската окупација на Косово и Вардарска Македонија, окупација која им донесе многу страдања на етничките заедници во овие земји и која имаше проект, од кој и денес нема откажување: целосно истребување на Албанците преку геноцид и раселување и србизација на Бугарите.

Можеби овој српски проект ги поттикна Албанците и Бугарите да соработуваат меѓу себе и да вложуваат постојани напори за подобрување на состојбата на нивните сонародници на овие простори. Тој проект ги поттикна Софија и Тирана дури и кога се изолирани од другите во овој регион и во Европа да се обидат да ги координираат своите политики во врска со заштитата на своите национални интереси.