Анализа: Зошто Македонците не ги осигуруваат домовите и спијат на штрек?!

Сон на секое семејство или поединец е имање на свој  сопствен дом. Во денешно време инвестирањето во свое место за живеење претставува финансиски предизвик и голем животен исчекор во осамостојувањето на секој човек. Но, предизвиците не завршуваат со купувањето на домот и добивањето на клучевите, напротив во тој момент започнува грижата за имотот и вложените финансиски средства. Во тој контекст  постои осигурување на домот, како механизам со кој сопственикот се заштитува себеси, сопствената инвестиција и просторот во кој живее.



Во осигурителната индустрија често дискутираме зошто процентот на осигурени домови е толку мал, односно зошто во континуитет над 90% од домовите во Македонија се постојано неосигурени и изложени на ризик. Бидејќи ги знаеме добро бенефитите на осигурувањето на домот и неговата достапна цена, често сме се прашувале и сме претпоставувале зошто е тоа така. Овој пат, во Компа решивме да го смениме пристапот – наместо да се прашуваме самите, да ги прашаме оние најзасегнатите, граѓаните.

Со помош на неколку методи – фокус групи, директни интервјуа, па дури и еден giveaway, успеваме да собереме доволен број одговори за да може да направиме една потемелна анализа и да одговориме на прашањето „Зошто во Македонија домовите не се осигуруваат“. Ова се заклучоците од истражувањето.

  1. Луѓето не вадат осигурување, не затоа што е скапо, туку затоа што мислат дека е скапо

Еден од најчестите одговори што ги добивме во истражувањето е дека осигурувањето е скапо. Но, на нашето потпрашање, колку сметаат дека чини една полиса за дом со просечна квадратура, одговорите беа помеѓу 12.000 и 15.000 денари годишно. А тоа е 4 до 5 пати повисока сума одошто осигурувањето навистина чини. Ова може да го проверите на нашата страница за споредба на понудите за домаќинско осигурување со цени во реално време. За стан од 60 квадрати, најдобро рангираните понуди на Компа се движат меѓу 2600 и 3200 денари.

Заклучокот од овој резултат на истражувањето е дека ние како осигурителна индустрија сме потфрлиле во пренесувањето на информации поврзани со цената на осигурувањето, која е еден од клучните фактори при носењето на одлуката. Фактот дека перцепцијата која циркулира за цената, не е 20% или 30% повисока од реалната цена, туку дури 5 пати повисока доволно кажува колку многу и долго сме ја запоставиле едукацијата и промоцијата на ова осигурување.

Дополнително, ова е резултат на уште еден процес за кој ќе зборуваме подолу и кој помалку или повеќе се рефлектира во сите заклучоци – недостаток на транспарентност околу ценовните политики на компаниите. Вистина е дека таа често не штити од нелојална конкуренција, но многу почесто реалноста е дека цените ги криеме само од потрошувачите а не од конкуренцијата, која секако има увид во нив на еден или друг начин. А кога цената не се комуницира отворено, се остава простор потрошувачите сами да градат погрешна перцепција за цените која не ни оди во корист.

2. Луѓето сметаат дека не можат да си го дозволат осигурувањето, но ако не можат да си го дозволат осигурувањето уште помалку можат да си ја дозволат штетата

Оваа причина е во тесна поврзаност со првата – цената на осигурувањето. Поради перцепцијата дека цената е висока, дел од граѓаните сметаат дека не можат да си го дозволат осигурувањето на домот. Но, и независно од реалната цена која е доста пониска од перцепцијата, вистината е дека издаток од 3.000 денари на многу семејства може да им ги усложни планираните начини да го „истераат“ месецот.

Сепак, колку и да звучи контраинтуитивно, токму на овие граѓани осигурувањето им е најпотребно. Бидејќи можеби тешко ќе си ја дозволат полисата, но штетата што може да се случи многу потешко ќе можат да си ја дозволат. Едно кревање на паркет од излеана вода од инсталациите на домот, лесно може да чини 50 пати поскапо од полисата. Е, тоа е трошок што навистина многу граѓани не би можеле да си го дозволат.

И повторно, причината можеме да ја лоцираме во недостатокот на финасиска писменост, за која е потребна сериозна едукација и која оди малку подлабоко од слика на среќно семејство објавена на фејсбук профилите на компаниите. Ова не е само обврска на осигурителните компании, туку и на останатите економски институции, ако сакате и на државата – бидејќи финансиски едуцирани граѓани се основата на здравата економија. Сепак, иницијативата за ова мора да појде од осигурителните компании.

3. Од немукает – што и да значи тоа.

Еден од најчестите одговори што ги добивме во истражувањето е токму тој – од немукает. И на него потрошивме најмногу време на толкување.

Најчестиот одговор на потпрашањето што подразбираат под немукает беше „Сме го мислеле, ама не дошло на ред“. Ова може да го поврземе со перцепцијата на граѓаните дека ризикот од случување на незгода е толку мал што вадењето полиса не мора да се приоритизира пред другите обврски. За жал, сите истражувања покажуваат дека перцепцијата за ризикот што ни се заканува не соодветсвува на реалните шанси нешто навистина да ни се случи.

Затоа повеќе ни се допаѓа едно друго толкување што го добивме – дека немукает е всушност невнимателност или негрижа. Сепак, факт е дека мораме одново и одново да ги потсетуваме граѓаните за важноста на домаќинското осигурување и да не дозволиме да преовладее негрижата или немукаетот.

Ако имате дилемата дали да инвестирате во полиса за осигурување, имајте на ум дека таа обезбедува компензација во евентуалните загуби кои можат да се случат при непредвидени или несакани настани, без разлика дали се предизвикани од човечко влијание или пак од временските услови. Тоа значи дека дури и во случај на најлошото, полисата претставува повратна инвестиција од која вложените средства може да се вратат неколкукратно и токму во моментот кога ќе биде потребно.

Дополнително, инвестирањето во полиса за осигурување на домот чини значително помалку отколку инвестицијата која ја имате вложено за купување недвижнина. За мудрите сопственици на домови, таа е неопходна категорија која не е додатен, туку придружен дел од купувањето на имот.