Пишува: Свето Тоевски
„Моментот е тука, зграпчете го. Ние не можеме да го туркаме ова сами за време на претседателството. Треба С.Македонија да постигне напредок, да се спроведат неопходните чекори, за да се придружите на ЕУ.“ – кажа данската министерка за европски прашања Мари Бјере вчера по својата работна посета на Република Македонија и средбата со нејзиниот колега македонскиот министер за европски прашања Орхан Муртезани, во пресрет на данското претседавање со Европската унија од 1-ви јули. „Реафирмирајќи ја принципиелната поддршка на Данска за проширувањето на ЕУ, засновано врз заслуги“, Бјере ги оцени „реформските чекори на С.Македонија како доверлив сигнал за зрелост и посветеност“.
Муртезани побара да не се билатерализира пристапниот процес за Македонија, нагласувајќи дека треба да се води според Копенхагенските критериуми, а прашањата меѓу соседите оти мора да најдат соодветно решение, без да влијаат негативно врз пристапувањето во ЕУ. „Кога овој процес се соочува со политички и билатерални притисоци, Копенхагенските критериуми се нашата главна гаранција. Тие потсетуваат дека европската интеграција мора да се базира на демократијата, владеење на правото и стабилна пазарна економија, а не на теми надвор од тие вредности.“ – кажа македонскиот министер за европски прашања Муртезани. Данска го презема претседателствувањето со Европската унија од 1 јули во следните шест месеци и таа практично не понуди ништо поново и поразлично во однос на македонската евроинтеграција, туку само ги повтори европско-бугарските очекувања да се промени македонскиот став.
Дополнително, што може да (не) очекува Македонија од данското претседателствување со ЕУ, штом два дански амбасадора во Бугарија за два тамошни медиума, Сорен Јакобсен во интервју за „Дипломатик спектрум“ на 21.12.2019 и Јес Брогард Нилсен во интервју за „Новините“ на 27.9.2022 година, имаат нагласено исти став за „многу блиските односи на Данска и Бугарија и оти „сè повеќе и повеќе Бугарија станува и дански политички приоритет“?!
Инсистирајќи на примена само на Копенхагенските критериуми за прием во ЕУ, Македонија има многу причини во периодот на данското претседавање со ЕУ да отпочне нова жестока дипломатско-политичка офанзива насочена токму кон официјален Копенхаген, Данска, каде што се усвоени тие критериуми во 1993 година, како и кон Брисел, со барање да да се истават настрана уцените на Бугарија кон Македонија за македонскиот идентитет, јазик, култура, историја, спротивни на меѓународното право.
По вчерашната посета на данската министерка за европски прашања Мари Бјере се наметнува дилемата: дали Македонија ќе продолжи да тапка во место и во претстојниве шест месеци на данското претседавање со ЕУ, ако продолжи да се „инаети“ околу (не)промената на својот устав?
Покрај уставните измени, според „Преговарачката рамка“ Македонија мора да изготви и „патокази за владеење на право, реформа на јавна администрација и функционирање на демократските институции“, како и „Акциски план за малцинствата“, кои треба да служат како почетни одредници во преговорите.
Технички гледано, со тоа Македонија ќе биде подготвена за отворање на кластерот „Основи“. Муртезани вчера информира дека „Акцискиот план за малцинствата“ е веќе испратен во Советот на Европа, каде што треба да биде разгледан од страна на експерти. Се чека наскоро да добиеме одговор и нивни коментари, по што ќе треба да уследи постапка за усвојување и формално испраќање до Комисијата.
Но, дали „Акцискиот план за малцинствата“ може да се претвори во нова сопка меѓу Скопје и Софија на „македонскиот пат кон ЕУ“, за кој Бјере ни даде совет самите да си го врвиме без да очекуваме и „дански патокази“ и некоја посебна поддршка од официјален Копенхаген?
Во случајот со Македонија ќе се застапува ли Данска од 1 јули 2025 за Копенхагенските критериуми, во кои никаде не се бара промена на историја и јазично-идентитетски комплекс на еден народ и на една држава како услов за влез во ЕУ?
На 21-22 јуни 1993 година во Копенхаген, главниот град на Данска, Европскиот совет како европска институција, која ги одредува општата политичка насока и приоритетите на ЕУ, ги усвои на својот тогашен состанок на врвот економските и политичките услови за влегување во ЕУ. Тие услови ќе станат подоцна попознати како „Копенхагенски критериуми за проширување на ЕУ“.
Во нив на ниедно место и ниту со една буква не се споменува и не се дозволува држава-членка на ЕУ, а камоли самото раководство на ЕУ, да завлегуваат во историски прашања и јазично-идентитетски комплекс на еден народ и на една држава, со барање да се вршат промени во нив како предуслов за зачленување на ЕУ.
По овој самит на Европскиот совет во Копенхаген во 1993 година Мари Бјере, како данска министерка за европски прашања, доаѓа по 32 години исто така од Копенхаген во Македонија да проговори за приоритетите на нејзината земја како претседавач со ЕУ од 1 јули. Почнувајќи од 1 јули 2025 година Данците ќе имаат можност на дело да ги применат Копенхагенските критериуми во случајот на македонското евроинтегрирање.
Но, реално анализирано, постојат ли можност и надеж дека овојпат Данска ќе се реши да внесе решителен импулс во процесот на евроинтеграцијата на македонската држава, штом Мари Бјере ни кажува дека „треба самите да го зграпчиме европскиот моментум“?
Вториот дел од анализата
Не еднаш туку два пати вето од Бугарија






