Амбасадорот Шамбевски виновен, актерот Арсовски не го кодошел Шишков

По цели девет години судења актерот Петар Арсовски успеа да докаже дека не бил кодош, а дека поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Шамбевски, го клеветел со намера да му го наруши неговиот углед и чест, објави порталот Правосудство.мк.



Според информации на овој портал, Апелациониот суд во Скопје деновиве донел пресуда со која се потврдува првостепената пресуда, а според која тужениот Шамбевски изрекол клевета на сметка на актерот Арсовски.

Со ова се потврдува дека Арсовски не го кодошел својот колега Ристо Шишков, како што тоа го тврдеше на прес-конференција Шамбевски, а со пресудата наместо бараните пет илјади евра, судот му наложува на Шамбевски да плати надомест на штета од 120.000 денари и да ги надомести трошоците на судската постапка, која траеше цели девет години, поради непојавувањето на тужениот на суд.

„Задоволен сум, бидејќи се потврди дека јас никого не сум кодошел. За мене најважна е вистината! Да бидам искрен мене ништо не ми значи и одредениот надомест за претроена штета. Битна ми е само вистината“, изјавил Арсовски.

Како што појаснува Правосудство.мк тужбата која била поднесена против Шамбески уследила по одржана партиска прес-конференција, на 26. февруари 2009 година, а на која тој рекол дека Петар Арсовски „директно учествувал во конструкцијата на обвинението против неговиот колега Ристо Шишков“.

Шамбевски, од говорница, обвинил дека во 1979 година, „актерот Арсовски, бесрамно го клеветел Шишков дека ги напаѓал тогашниот комунистички режим и неговата политичка персонификација – Јосип Броз Тито“, и дека токму поради дадени изјави „Ристо Шишков бил осуден и затворен, а неговата кариера целосно уништена…“