Алтанџиева: Албанска академија на науки е спротивна на уставот и ЗЛС

Една од водечките правници во Макеоднија Тања Алтанџиева смета дека идејата на ВЛЕН за Албанска академија на науки е спротивна на на уставот но и на Законот за локална самоуправа.



Алтанџиева која е екс заменик министер за правда, екс заменик министер за локална самоуправа и екс член на ДИК а е жесток противник на Преспанскиот договор и Францускиот предлог, смета дека од повеќе причини етничка албанска академија на науки не може да биде финансирана од локална самоуправа.

,,Сите избрани и именувани функционери на централно и локално ниво дале заклетва и потпишале свечена изјава дека ќе го почитуваат Уставот, законите и прописите како и дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија”, смета Алтанџиева која укажува дека тоа би значело противуставно поведение.

,,Преземање било каква активност на централно или локално ниво која води кон нарушување на воспоставениот уставен поредок и унитарниот карактер на државата е ништо друго освен јавно декларирана посакувана цел на една етничка заедница со давање насоки на modus operandi како да се изведе оваа операција.

Наводно, формирањето на Албанската академија на науки и уметности најпрво би се формирала како здружение, финансирана од локалните буџети на албанските општини”, елаборира Алтанџиева која напоменува дека општините и советите во рамките на нивните надлежности согласно Законот за локална самоуправа одлучуваат за работи од јавен интерес од локално значење ВО СОГЛАСНОСТ СО ОВОЈ ИЛИ ДРУГ ЗАКОН.

,,Идејата за формирање паралелна академија по етничка основа НЕ Е ПРАШАЊЕ ОД ЛОКАЛНО ЗНАЧЕЊЕ ниту пак смее да се финансира од локалниот буџет.

Ваквата идеја е спротивна на Уставот и Законот за локална самоуправа не може да биде извор на такво наводно право, ниту пак постои друг закон.

Затоа, сериозно треба да се доработат Законот за политички партии и нивното финансирање, како и Законот за здруженија и фондации”, анализира Алтанџиева која не сака анализата да ја опривари со проблемот на поимањето на демократијата vs анархијата, слободата на говор vs јавниот интерес, индивидуализмот vs колективизмот и етницизмот, итн.

,,Зарем немавме доволно време да се изградиме како народ, како луѓе без оглед на етничката припадност, со единствен фокус за заедничко живеење, со исти цели за развој на општеството, со доволно демократска свест и политичка културa”, прашува на крајот врвната правничка Алтанџиева.