Конституирањето на новата Влада на Република Македонија се очекува да се изврши утре, на 28 мај во 11 часот на седницата на Собранието на Република Македонија?! Ова го објави ТВ Алсат во својата вест, во која информира и дека ВМРО ДПМНЕ и албанската опозициска коалиција „Вреди“ денес, на 27 мај се на средба во врска со поделбата и на дирекциите, откако, наводно, бил постигнат, неофицијално, договорот за распределбата на министерствата, односно за формирање на новата Влада на Република Македонија, како и и кому да му припадне позицијата претседател на Собранието на Република Македонија. Но, ВМРО ДПМНЕ ја демантираше веста за можниот нов состав на Владата, нагласувајќи оти „сѐ уште не е постигнат конечен договор“. „Апелираме да не се шпекулира со какви било имиња и можни кадровски решенија“ – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Засега она што може да се каже е дека преговорите се во напредна фаза, но сѐ уште нема конечен договор и сѐ до моментот кога ќе може да се соопшти, нема да соопштуваме никакви детали. Се разговара и за ресори, кои се од економска и политичка природа, но најважно е тие да ги прифатат принципите на Владата и генералните програмски определби.“ – изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.





