Македонските претставници Алкалоид и Охрид со значителна предност ќе патуваат на возвратните натпревари од второто коло во Европскиот куп на ЕХФ, откако „фармацевтите“ во Автокоманда го декласираа литвански Драгунас од Клаипеда со 42:31, а охриѓани во салата „Билјанини извори“ славеа со 31:25 над романска Потаиса од Турда.
Литванците беа рамноправни со освојувачот на Купот на Македонија до средината на првото полувреме, кога беше 9:9, по што составот на Кирил Лазаров со серија 9:2 стекна решавачка предност што до крајот ја направи двоцифрена.
Крилата беа најефикасни кај Алкалоид, па десното Никола Костески постигна 10 гола од 12 обиди, а левото Арно Бинго 9 од 11.
Охрид го доби првото полувреме со 18:15, а четири минути пред крајот тимот на Стевче Алушовски имаше максимална позитива од 30:22. Никола Јукиќ беше најдобар во нападот со ефект 6/7, а левото крило Гоце Ојлески ги реализира сите пет удари.
В сабота на 26 октомври Алкалоид ќе го одигра реваншот во Клаипеда од 15 часот, а два часа подоцна е возвратниот дуел на Охрид во Турда.






