Лидерот на ДУИ ја смирува Атина и нејзиниот страв дека Македонија има територијални аспирации кон оваа земја.
„Сакам категорично да кажам дека Скопје нема никакви територијални претензии кон Грција и сакаме да ја увериме Атина дека Грција нема да се соочи со закана од својот северен сосед“, изјавил Ахмети за грчкиот весник Катимерини.
Според Ахмети владата на Македонија има два приоритети – решавањето на долготрајниот спор со Грција околу официјалното име на државата и пристапот на земјата во НАТО со референцата ФИРОМ, вели лидерот на ДУИ.
„Ние сме соседи и нашата заедничка иднина е Европската унија. Грција мора да не поведе кон ЕУ“, вели Ахмети кој сеуште е оптимист дека Македонија може да се приклучи на НАТО под ФИРОМ уште пред да започнат разговорите за решавање на спорот за името.
За него Грција мора да ги земе во предвид геополитичките случувања и заедно со Македонија да работи посилно за пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ и НАТО затоа што тоа е од корист за сите.
Ахмети пред 3 години беше на чело на делегација на ДУИ која што замина во Атина на разговори со грчкиот министер за надворешни работи Коѕиас во врска со името.





