Министерот за култура Роберт Алаѓозовски нема разбирање за синоќешното неодигрување на претставата „Ничија земја“ во Македонски народен театар во знак на протест на актерите за притворот на нивниот колега Владо Јовановски.
„Сметам дека секоја слична намера во иднина нема да биде добра ниту по развојот на културата ниту, пак, во однос на демократизацијата на културните институции. Со кого и со што точно се солидаризираа актерите вчера?“, рече Алаѓозоски на денешната прес-конференција во МНТ.
Покрај министерот и в.д. директорот на МНТ, Драган Спасовски-Дац, против солидаризирањето со притворениот Јовановски се изјасни и актерот Един Јакуповиќ, обвинувајќи го колегата за „фашистичка етничка дискриминација“!
„За сцената што живот значи! Не можам да го премолчам атакот врз моите колеги, иако не се согласувам со нивната одлука, да ја бојкотираат изведбата на вчерашната театарска претстава. Зошто не!? Затоа што осомничениот актер години наназад во општеството наместо единство и соживот сее исклучиво омраза и дискриминација, онаа фашистичка етничка дискриминација, спротивно на сите етички, морални и професионални норми. На моите колеги кои го оправдуваат чинот на осомничениот Јовановски им посакувам никогаш да не им се случи оваа фотографија“, напиша Јакуповиќ на својот профил на „Фејсбук“, илустрирајќи го постот со фотографија од раскрвавените Зоран Заев и неговиот телохранител покрај другите нападнати во Собрание на 27 април.






