Не е лесно да си политички лидер на некоја од албанските партии во Македонија, бидејќи електоратот е навикнат партиите постојано да го подигнуваат нивото на национализам и сепаратизам. Па затоа, откако лидерот на ДУИ Али Ахмети најави административна поделба на Македонија по етнички принцип, од Вреди настапија со иницијатива за отворање Академија на науки и уметности на Албанците во земјава – пишува Срѓан Ивановиќ во колумна за Слободен печат и продолжува:
Да имаше уште една релевантна политичка сила на албанското население во државава, веројатно ќе мораше да се оди и чекор повеќе, па ќе се пристапеше кон етничко расцепкување на амбулантите, здравствените домови и на репрезентацијата во сноубординг. За среќа, нема таква политичка опција.
Затоа сега се занимаваме со Албанската академија на науки и уметности, која според министерот за здравство Арбен Таравари, е најдобрата иницијатива на Вреди.
– Албанците се еден од најстарите народи на Балканот и во нивната ДНК има интелигенција и цивилизација на античка култура – изјави министерот.
Јас, пак, со мојата неантичка ДНК би додал дека е премногу глупава идејата, науката и уметностите да се делат по етнички клуч. Премногу. Научната постапка е сложен процес составен од истражување, поставување теорија, опит и докажување на резултатот. Во уметностите постои творечки процес. Инспирација и имагинација. Ниту во првиот ниту во вториот случај нема место за етникум. Албанци, Македонци, Арапи и Кинези – сите работат и творат како што се работи и твори со векови наназад. Крвните зрнца тука не играат никаква улога, ниту, пак, наследниот фактор може да биде од какво и да е значење. Напротив, од решавачка улога е индивидуалниот талент. Може да се работи и за групен научен проект, а може и за музички бенд, но повторно до израз доаѓа квалитетот на поединците. А дали се Албанци или Македонци, тоа е од второстепено значење.
Уште еден спорен момент е што оваа „албанска академија“ е всушност регистрирана како здружение на граѓани, кое според првенците на Вреди ќе се финансира од општините. Не е прецизирано кои општини, но тоа значи дека „академијата“ индиректно ќе биде финансирана и од државата. Зошто? Бидејќи општините се финансираат од државниот буџет.
Повеќе од јасно е дека во конкретниот случај никому не му е до наука. Немојте да мислите дека оваа т.н. академија навистина ќе се занимава со некакво научно истражување, па тоа ќе го подобри животот на Албанците во Македонија. Тоа се будалштини. Подобро речено, тоа се академските будалштини на Вреди.
Целата колумна на Срѓан Ивановиќ за Слободен печат на следниот линк:





