„Абидин Абдули, адвокатот на Арбен Таравари денеска на прес-конференција најави дека ќе ја обжали одлуката на тетовскиот суд за доделувањето на печатите на Алијансата за Албанците на крилото на Зијадин Села во оваа партија. ‘Се сомневаме дека очигледно постои организиран криминал меѓу претседателот на судот, судијата што одлучуваше по предметот и еден од адвокатите на другата страна. Ќе го обжалиме предметот до Апелацискиот суд во Гостивар. Ќе бараме процесна и кривична одговорност за претседателот на судот и судијата, што одлучуваше по предметот.“ – нагласи адвокатот Абдули. Ова го објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Печатите на Алијансата за Албанците / Реагира адвокатот на Таравари: Организиран криминал“.
ТВ Алсат пишува: Абдули рече дека во нивното сведочење во Судот во Тетово биле и поднесени и изјавите на 68 членови на Собранието на АА, нотарски заверени , кои не учествувале на Собранието на Села. „Од 137 членови на партиското собрание 68-мина не учествувале на конгресот на Зијадин Села, туку биле заменети со други лица, што не е легитимно.“ – рече Абдули. Тој додаде дека судиите не ги зеле предвид доставените аргументи, нагласувајќи оти за овој предмет се смениле 4 судии.





